Италијанските новинари денеска излегоа на протести на централните плоштади на поголемите градови во земјата, за да го изразат својот револт од навредите што кон нив ги упатија двајца лидери на владејачкото Движење пет ѕвезди (М5С).
Повод за протестот на медиумските работници беа изјавите на лидерот на М5С, Луиџи ди Мајо и на истакнатиот член на партијата Алесандро Ди Батисти, кои новинарите ги нарекоа „чакали“, „проститутки“ и „ителектуално и морално кoрумпирани личности“.
Изјавите на Ди Мајо и Ди Батиста беа реакција на медиумските извештаи во врска со судењето на нивната сопартијка и градоначалничка на Рим, Вирџинија Раџи, која беше обвинета дека ги измамила органите за борба против корупцијата.
Судот ја ослободи Раџи од обвиненијата, по што Ди Мајо и Ди Батиста се нафрлија врз новинарите со навреди и критики за начинот на кој известувале за целиот скандал и за судскиот процес.
Ваквите навреди новинарите на денешните протести ги оценија како „закана за демократијата“, нагласувајќи дека сакаат да алармираат на „глобалната појава на една политичка филозофија која ги прави новинарите жртвено јагне“.
Во реакција на протестот, италијанскиот премиер Џузепе Конте изјави дека неговата Влада стои цврсто во одбрана на слободата на медиумите, додека Ди Мајо оцени дека слободата на медиумите е светост, но дека таа не смее да се користи за ширење лаги и навреди.