Црквата посветена на светите апостоли Кирил и Методиј која повеќе од две децении стои недоизградена во Делчево, конечно ќе добие нов надворешен изглед. Со средства обезбедени преку донација, како што истакна градоначалникот на општината Горан Трајковски ќе се уредува кровот и фасадата на црквата. -Изградбата на фасада и на кровната конструкција на новата црква која две децении стои недоградена, ќе донесе овој грандиозен верски објект да го добие својот конечен лик и да изникне во еден од најубавите верски храмови во регионот, а центарот на Делчево, каде што се наоѓа црквата, да добие една заокружена целина и атрактивен простор за гостите и за самите жители. Донаторски средства за реализација на овие активности се обезбедени од големиот пријател на Делчево, Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарско сеќавање, рече Трајковски. Додаде дека соработката меѓу Општина Делчево и Фондацијата „Бугарско сеќавање“ на Милен Врабевски, на иницијатива на делчевецот Венци Димитровски е воспоставена пред една година. Според најавите, оваа соработка ќе продолжи во делот на образованието преку надградување на капацитетите на учениците во делот на информатичките технологии и продлабочување на соработката на образовните институции од двете страни на границата.