Темелите на Џенерал електрик, некогаш највредна американска компанија и гордост на економијата, сериозно се тресат.
Вредноста на акциите на Њујоршката берза во понеделникот падна за седум отсто, на 7,99 долари, а цената на осигурување на долгот на тој индустриски конгломерат достигна највисоко ниво во шест години.
Дека индустриската загриженост за финансиската состојба на компанијата е оправдана зборува и веста дека првиот човек на Џенерал електрик најави итна продажба на имот поради раздолжување.
– Во моментов немаме повисок приоритет од намалувањето на нивото на задолженоста. Имаме цела низа можности за продажба на имотот, изјави извршниот директор Лари Кaлп.
Тој, кормилото на конгломератот со 126 години традиција, го презеде на 1 октомври, а веднаш потоа се најде под притисок на прашањето за финансиската сила на компанијата и идната профитабилност. Што се однесува на деловите кои би можеле да бидат продадени, Кaлп вели дека Џенерал електрик го разгледувала и продавањето на производството на млази воздухопловни мотори, но таквиот потег не е приоритет.
Џенерал електрик минатиот месец во извештајот за третото тромесечје објави губиток од 22,8 милијарди долари, годишната дивиденда ја сведе на само четири центи, а на акционерите им соопшти дека се соочува со сеопфатна истрага на федералните органи околу сметководствената пракса.