Вкупно донесени 359 одлуки од кои речиси сите едногласно, асфалтирани улици, значително подобрена инфратруктура и услови за школување, организирани голем број културни манифестации и настани, е билансот од едногодишното работење на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Од ветената програма за четири години, рече Јанчев давајќи отчет за сработеното, досега се реализирани околу 60 проценти и многу проекти кои не беа предвидени, а се од голема важност за жителите на општина Кавадарци.

-Асфалтирани се улици со вкупна површина од околу 19.000 квадратни метри, а поплочени се улици и тротоари со вкупна површина од околу 12.000 квадратни метри. Комуналната изградба со силен интензитет ќе продолжи и во 2019 година. Инфраструктурата е значително подобрена, ги реконструираме најгреквентните точки, Северен и Западен булевар, кои во 2019 година ќе бидат целосно готови. Беше пуштен во употреба и нов објект од градинка, а почна и доградба на нови простории, соопшти градоначалникот на прес-конференција на која присуствуваа и претседателот на Советот, советниците координатори, претседателите на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и раководителите на секторите во општината. Со сите нив, нагласи Јанчев, се работеше напорно и транспарентно.

Градот, рече, се стреми кон подобра спортска иднина. Нагласи дека се подобрени условите за школување во училиштата. Потсети и дека годинашната манифестација „Тиквешки гроздобер” го имаше најдоброто издание досега.

-За овој период во работа беа земени 5.284 предмети за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Донесени се 2.764 позитивни решенија, 2.015 негативни поради некомплетна документација и 505 предмети кои се во постапка, информира градоначалникот.

По повод едногодишното работење, отчетот во печатена форма ќе се подели и на терен меѓу кавадарчани. Во него се содржани најголемите реализирани проекти, од „Мој општинар”, прњеку инвестициите во образованието, културата и спортот, до вложувањата во ЈП „Комуналец”.

-Заедно ќе продолжиме да го менуваме ликот на нашето Кавадарци, да создадеме општина во која младите ќе сакаат да останат, општина во која насмеани ликови ќе градат успеси и општина која ќе служи за пример, дециден беше градоначалникот.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 12:43