Вклучување на граѓаните во проектот „На секое дете му е потребно семејство” и апел да се зголеми свесноста за значењето на заменското – згрижувачко семејство, упати Јавната установа „Меѓуопштински центар за социјална работа”- Крива Паланка.

Установата повика секој кој е подобен и ги исполнува условите од повикот да се пријави и да вдоми детенце.

Јавниот повик на Министерството за труд и социјална политика е отворен од јули годинава. Право на згрижување деца има секој граѓанин-активен барател на работа што има завршено средно и основно образование и ги исполнува станбено-материјалните услови.

Граѓаните кои ќе остварат право на згрижувачко семејство,за сместувањето на детето ќе добиваат соодветен месечен паричен надоместок, во зависност од возраста и здравствената состојба на детето.

Во моментот на подрачјето на општина Крива Паланка има три згрижувачки семејства, а меѓу првите општини во кои почна да се имплементира праксата на згрижување деца се Крушево со 28 згрижувачки семејства и Македонски Брод која е лидер општина со 39 семејства кои згрижуваат деца без родители и родителска грижа.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 14:34