Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека лидерите на исламистичкото движење Хамас молеле за прекин на огнот. Тоа е прва изјава на Нетанјаху откако Владата на Израел се согласила за прекин на огнот, што стапи во сила.

Нетанјаху на комеморацијата на првиот израелски премиер, таткото на нацијата Давид Бен-Гурион, изјави дека не може да изнесе детали за плановите за иднината на Појасот Газа.

Ние ќе поставиме услови во право време за Израел и за безбедноста на нашите граѓани, посочи Нетанјаху.

Израелскиот премиер беше критикуван од десничарите и од некои жители во јужен Израел, кои бараа многу поагресивен одговор на теророт од Хамас од Појасот Газа.

Тој коментирајќи ги протестите на жителите во јужен Израел, кои протестираа кога стапи во сила прекинот на огнот, посочи дека ги слуша и сака, како и дека заедно со безбедносните претставници ја гледа „пошироката слика“, која не може да ја сподели со јавноста.

Во знак на протест поради примирјето во Појасот Газа израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман денеска изјави дека поднесува оставка од функцијата во конзервативната коалициска Влада на премиерот Нетанјаху.

Објавувајќи ја оставката, која стапува во сила 48 часа откако ќе ја предаде во писмена форма, Либерман го нарече вчерашниот договор за прекин на огнот со палестинското исламистичко движење Хамас, постигнат со посредство на Египет, „капитулација пред теророт“.

За портпаролот на палестинското движење Хамас, Сами Абу Зухри оставката на Либерман по дводневните тешки борби е „политичка победа за Газа“. Денешната оставка на Либерман значи признавање на поразот и неуспех во судирот со палестинскиот отпор, посочи Зухри.

Палестинските екстремисти во понеделникот истрелаа 460 ракети и минофрлачки проектили врз Израел за еден ден, а израелските воени авиони нападнаа 160 цели во Газа, при што загинаа седум Палестинци, од кои петмина екстремисти.

Во Израел загина едно лице откако ракета погоди станбена зграда, а три лица се тешко повредени.

Тоа е една од најсериозните насилства после војната во 2014 година помеѓу Хамас и Израел.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 16:17