Изготвена е приоритетна листа на одржување локални патишта во зимски услови, беше речено на координативниот состанок што го организираа Регионалниот центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување со одговорните од општините Делчево и Македонска Каменица, јавните комунални претпријатија, Полициската станица Делчево и одговорно лице од ЈП „Македонија пат“ . Според Николина Петровска-Мавродиева од Општина Делчево, листата предвидува одржување патишта со асфалтен коловоз од 82,5 километри, патишта со коловоз макадам од 42 километра и улици со асфалтен коловоз во должина од 38,5 километри, а надзор на работите ќе врши Одделението за инспекциски надзор при Општината. – Општината ги презема сите потребни мерки за навремена реакција и овозможување непречено и безбедно движење во престојниот зимски период. За таа цел, по спроведената јавна набавка за зимско одржување на општинските патишта и улици на подрачјето на општина Делчево, потпишан е Договор со економскиот оператор Еуро Бетон со важност од една година, а почнува да важи од 15 ноември 2018 година, истакна Кире Цоневски од Општината. Одржувањето и чистењето на тротоарите во градот е обврска на ЈПКД „Брегалница“ Делчево, додека магистралниот пат М5 и регионалните патишта ги одржува ЈП „Македонија пат“. Претпријатието во моментот располага со 120 тони сол и 100 метри кубни ризла.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 16:34