Во Берово се подготвува општинскиот буџет за 2019 година. Како што истакна градоначалникот Звонко Пекевски, по изработката на годишните програми ќе бидат организирани форуми во заедницата чија цел е граѓаните и месните заедници дирекно да учествуваат во креирањето на буџетот за наредната година.

-Развојните програми веќе се донесени од страна на Советот на општината и истите ќе бидат дел од буџетот за 2019 година, додека по завршувањето на изработката на годишните програми како обврска што произлегува од статутот на општината ќе се пристапи кон организирање на Форумот за буџетот. До крај на месецот на седница на Советот ќе се утврдат и годишните програми, така што на тој начин ќе бидат утврдени сите документи што се неопходни за изработка на буџетот за 2019 година, истакна Пекевски.

Тој додаде дека, во тек се и средби со претседателите на месните заедници на кои се дефинираат приоритетните проблеми во селските средини што ќе бидат разгледувани на форумот.

Со новата одлука на Владата за раздолжување на општините, од општина Берово претходно најавија решавање на поголем број приоритети што се опфатени со новите развојни програми што беа усвоени од Советот на општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2018 19:00