Во Прилеп се користат поволните временски услови и забрзано се спроведува комуналната програма за уредување на улиците во градот за оваа година. Во оваа “градежна офанзива” на Општината, изминативе денови се асфалтираше улицата „Архимедова”, како и крак од улицата „Блаже Иваноски”, покрај старите гробишта во населбата „Рид”.
Според Благоја Богоески, задолжен за надзор на градежните работи, асфатот е поставен од седум сантиметри на вкупна површина од околу 900 метри квадратни.
-Покрај оваа улица, во овој период ја асфалтиравме улицата покрај старите гробишта, од новата капела, па, сѐ до спојот со улиците во населбата „Штавичко маало”. Тука имаме околу 1.300 метри квадратни, или околу 400 метри должина од улицата, која, исто така, беше доста проблематична. На таа нагорнина често се случуваше со врнежите да се создаваат бразди и нерамнини, а со овој зафат веќе имаме нова асфалтна површина и нема да ги има тие дупки и користењето секогаш ќе биде многу поповолно, објаснува Богоески.
Овие улици се асфалтираат првпат, а досега беа во онаа затекната состојба со земја и тампон.