Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија и Постојаната работна група за регионален рурален развој (СВГ) во Југоисточна Европа денеска во Струга ќе почне 12. годишен работен состанок на министрите за замјоделство од Југоисточна Европа.

На состанокот ќе се разговара за иднината во секторите за земјоделство и рурален развој во регионот на ЈЕИ и за процесот на регионална соработка во тие области.

Во рамки на министерскиот состанок во Струга, ќе се разговара и за значењето на процесот на интеграција во Европската Унија на земјите од Западен Балкан како фактор на напредок во земјоделството и руралниот развој.

Присутните на конференцијата ќе усвојат збир на цели за земјоделството и руралниот развој, кои треба да се постигнат во согласност со ЕУ, во форма на Декларација што ќе ја потпишат на конференцијата.

Декларацијата од Струга 2018 за „Регионална соработка за одржлив развој и економски просперитет во Југоисточна Европа” (ЈИЕ) претставува ново-управувана рамка во конципирањето на еднонасочен пристап кон земјоделството и руралниот развој и ја насочува визијата за регионална соработка во однос на заедничкиот економски раст и просперитет во регионот.

Со Декларацијата се потврдуваат позитивните резултати од работата на СВГ РРД (SWG RRD) на национално и регинално ниво, посветеноста на присутните кон агендата на ЕУ и напорите за усогласување на нашите политики кон моделот на Заедничката Земјоделска Политика (ЗЗП) и соодветните мерки, како и посветеноста на реформската рамка и прифаќање на националните структури за соодветна имплементација и управување со Инструментот за Претпристапна Помош (ИПА), посебно за ИПА за рурален развој (ИПАРД).

На конференцијата ќе учествуваат ресорните министри од Босна и Херцеговихна, Косово, Црна Гора, Бугарија, Словенија, Албанија, државни секретари од Србија, Хрватска, Унгарија, претстваници од министерствата од Германија, Чешка, како и претставници од Европската комисија, Организацијата за храна и земјоделство и ГИЗ.

На состанок свои обраќања ќе имаат заменик – претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 08:03