Ученици од македонските и албанските паралелки од текстилно-кожарската струка од средното училиште „Перо Наков“ од Куманово во Занаетчискиот дом организираа модна ревија на која ги презентираа нивните креации. Настанот е дел од проектот за меѓуетничка интеграција што го спроведува училиштето со поддршка на Министерството за образование и наука.
– Ние сме училиште со паралелки на македонски и албански јазик и овој проект има исклучително значење за поврзување на учениците – изјави директорката на училиштето Мила Жибак.
Професорките Маја Димковска и Бјондина Абдули, под чие менторство учениците ги изработија модните креации, велат дека последната година има благо зголемување на бројот на запишани ученици. Особено интерес има за насоката дизајн, а двете професорки велат дека оние кои веќе го завршиле образованието на оваа насока, веднаш нашле работа.
– Со минимални финансиски вложувања или од домашниот буџет, а почесто со користење на мерката за самовработување, учениците од оваа насока веднаш наоѓаат работа. Потребно им е многу малку време да одат на пракса, бидејќи самите се научени да креираат, да шијат и да изработат. Дел од учениците се вработуваат и во конфекциски фирми – посочија професорките Димковска и Абдули.
За потребите на проектот учениците изработија и цртежи инспирирани од старата градска архитектура кои беа презентирани пред кумановци.