Општина Куманово почна со постапка за изработка на стратегијата за локален економски развој на градот која ќе важи од 2019 до 2024 година, информираа денеска надлежните од одделението за локален економски развој на општината.

За потребите при изработката на стратегијата, општината ќе ангажира консултант. Заинтересираните кои сакаат да аплицираат можат да ги разгледаат информациите објавени на веб страната на општината. Општинска комисија ќе го одбере консултантот.

Во креирањето на стратегијата, освен консултантот и работниот тим од општината ќе учествуваат и претставници на државни институции, граѓански организации, бизнис заедницата, занаетчии, граѓани.

-Стратегијата се однесува на бизнис опкружувањето, подобрувањето на економската состојба, развој и поддршка на малите и средни претпријатија, туризам и угостителство, рурален развој, занаетчиство и намалување на невработеноста, изјави Билјана Николовска, од одделението за локален економски развој.

По формирањето на работните групи кои ќе работат одделно на предвидените сфери од стратегијата, ќе се одржат и работилници, по што ќе се креира нацрт, драфт верзијата, која ќе подлежи на интервенции, а потоа и финалниот документ.

-Доколку низ годините се појави и ново поле на интерес на граѓаните, стратегијата ќе се надополни, додава Николовска.

Врз основа на оваа стратегија се креираат годишните планови за програмата. Стратегијата за локалниот економски развој се очекува да биде подготвена до почетокот на јануари, наредната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 12:19