Адвокатот Мајкл Авенати, кој ја брани порно актерката Сторми Даниелс во тужбата против Доналд Трамп, вчера беше уапсен во Лос Анџелес поради насилство врз жена.

Детективите го уапсиле Авенати под сомнеж за семејно насилство.

-Станува збор за истрага која е во тек и повеќе детали ќе изнесеме во вистинско време, напиша на Твитер полициската станица на Лос Анџелес.

Според американски медиуми, адвокатот во вторникот вечерта бил насилен кон една жена во луксузна зграда во Лос Анџелес.

Жената, „со отоци и модринки”, се појавила пред зградата и телефонски викала: „Не можам да поверувам дека тоа ми го направи“, заканувајќи се со тужба, информираат медиуми.

Адвокатот пристигнал пет минути подоцна, викајќи дека „таа прва го удрила” и се обидувал да влезе во лифтот, но безбедносната служба на зградата го спречила.

Полицијата, по краток разговор, го однела со себе.

Мајкл Авенати влезе во отворена војна со Доналд Трамп поради случајот со Сторми Даниелс. Тој е чест гостин на телевизиите и најави дека има намера да се кандидира за следните претседателски избори во 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 12:26