По пауза од десетина години Националната установа центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево во соработка со локалната самоуправа денеска организираше Саем на стари занаети. На саемот учествуваа занаетчии кои во својата работа не користат современи алатки и машини, туку нивната изработка е рачна, а творат на териоторијата на Делчево и Македонска Каменица.

– Изработката на тапан претставува долг процес.Јас произведувам тапани исклучиво од ореово дрво. Кожите кои се потребни за квалитетен тапан ги набавуваме од Куманово, останатото е наше рачно производство. Со овој занает се занимаваме во последните повеќе од 10 години, а дејноста ја започнавме благодарение на нашиот син кој е професионален тапанист, вели занаетчијата Миле Николовски од Делчево.

Како што истакна Методи Толевски, директор на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, целта на настанот е возобновување и промоција на занаетчиството во Пијанец.

– Старите занаети се чуваат љубоморно, а традицијата наследена од дамнина, денес од многу аспекти видоизменета, но сепак, со печатот на старото време и старите занаети. Со години наназад, традиционалните занаети полека одат во заборав, но сепак, мајсториите на вредните занаетчии, како копаничари, мајстори кои изработуваат народни инструменти, носии, производи од волна, гоблени и сл. заслужуваат да им посветиме внимание и да ги промовираме, рече Толевски.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, очекува овој саем да прерасне во меѓународен.

– Посакувам оваа традиција да прерасне и во меѓународни рамки и овде во наредните години да видиме занаетчии и од другите држави, така што овој саем на стари занаети ќе стане еден од главните белези на нашиот град, рече Трајковски.

Саемот за стари занаети е еднодневен, а е сместен во фоајето на Спомен-домот АСНОМ. Организаторот за сите учесници обезбеди благодарници.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 14:53