Во библиотеката „Кочо Рацин“ во Кичево зголемени се формите и содржините на работа, а особено внимание им се посветува на културно-образовните активности, на популаризација на книгата и зголемување на бројот на корисниците.
– Оваа библиотека располага со 62.888 книги кои се достапни за сите заинтересирани. Има 13.563 книги на македонски јазик за деца и 5.686 на албански јазик, додека пак за возрасни има 36.149 на македонски и 7.490 на албански јазик, вели директорот на Центарот за култура Мазлам Османи. Додаде дека работат во две смени, предпладне и попладне, а за викендите не работат.
Османи информира дека во моментов имаат околу 1.000 членови и за разлика од претходните години имаат благо намалување на бројот на читатели, особено од кога ги укинале дневните весници.
– Од Нова година ќе имаме нов начин на зачленување. Со тоа што оној кој е зачленет во ноември оваа година ќе му важи зачленувањето до ноември наредната година, а не како што беше досега од јануари па до јануари. Најважно е што ќе имаме категоризација на нашите членови, кога е во прашање чланарината ќе се намалува и една цена ќе има за основците, една за средношколците и друга цена за возрасните читатели, вели Османи. Најави дека од Нова година ќе почне и електронско издавање на книгите во библиотеката.
Фондот на книги во оваа библиотека постојано се зголемува и тоа двапати годишно, со нови изданија на македонски и на албански јазик.