Прилепскиот Совет ја донесе развојната програма за 2019 година која содржи кои капитални проекти ќе се реализираат, а се за развојот на општината.

Според советниците, за наредната година од исклучително значење ќе бидат проектите: комплетна реконструкција на булеварот „Гоце Делчев", во центарот на градот и дел од улицата „Прилепски браниетели" каде е општинската зграда за што се одделени околу 40 милиони денари од локалниот буџет, потоа, комплетна реконструкција на мостот на улицата „Трајко Николоски", особено зашто во тој дел е поврзувањето со Индустриската зона и се случуваат голем број сообраќајни незгоди. Советот издвои околу 35 милиони денари за комплетна реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев".

– Ова се битни капитални инфраструктурни зафати за општина Прилеп што ќе го подобрат функционирањето на централното градско подрачје и ќе отстранат бројни проблеми, нагласува претседателот на советот Миле Талески.

Со одлука на прилепските советници, од буџетот се издвоени 6 милиони денари или 100 000 евра за помош за земјоделците во Прилепско кои претпеа штети од невремето во јули годинава.

– Со оваа одлука, од буџетот со пренамена се издвоени максимални средства според законот за помош на сите кои претпреа штети. Секој кој претрпел штети од невремето во јули годинава, ќе добие средства во висина од три проценти од претрпената штета, објаснува Талески.

Од локалниот буџет, со пренамена се одвоени околу 850.000 денари за подобрување на условите во основните училишта со набавка на училишен инвентар и за средните училишта за набавка на течно гориво за загревање за оваа грејна сезона, како и за загревање во Домот за стари лица „Киро Крстески Платник".

Прилеп ќе го кофинасира проектот „Јакнење на капацитетите на територијалните противпожарни единици во Пелагонискиот регион" кој ги опфаќа општините Битола, Прилеп и Ресен за набавка на противпожарно возило за потребите на ППТЕ во Прилеп.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 18:32