Интересот кон иновативните услуги на „Убер Технолоџис“ расте, но компанијата регистрира сериозна загуба во третиот квартал на финансиската година.

Барањата за услуги на „Убер“ пораснале за шест отсто за во третото тримесечје, во споредба со претходниот квартал. Тоа е трет по ред квартал со едноцифрен раст на нарачките, додека во текот на целата минатата година растот беше двоцифрен.

Во периодот јули-септември „Убер“ добила нарачки во вкупна вредност од 12,7 милијарди долари, но во исто време компанијата регистрира загуба од 1,07 милијарди. Тоа е за 20 проценти поголема загуба од претходниот квартал и за 27 отсто помала, во споредба со истиот период минатата година.

Неодамна „Убер“ се обидува да ја прошири сферата на бизнисот, бидејќи по неколку бурни години, растот од основниот бизнис со споделен превоз се забавува. Бидејќи е приватна компанија, „Убер“ не е должна да открива финансиски показатели, но минатата година таа изнесе некои податоци.

Компанијата, проценета на 76 милијарди долари, треба да покаже дека е способна да расте доволно за да стане профитабилна и да привлече инвеститори. „Убер“ планира следната година да излезе на берзата. Но, постојаните загуби може да испровоцираат спојување на „Убер“ со конкурентите од Индија и од Блискиот Исток.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2018 18:58