Советот на општина Гевгелија го усвои развојниот план за 2019 во кој според заклучокот акцент ќе се стави на реализација на капитални проекти како што се изградбата на нови 14 училници во гевгелиската гимназија, нова детска градинка и регулација на дел од коритото на Сува Река во урбанизираниот дел од градот.
Развојниот план содржи приоритетни проекти во патната инфраструктура со кои се предвидува завршување на примарната и секундарната сообраќајна мрежа на мултинаменскиот комплекс „Милци“ продолжување на Западниот булевар и негово поврзување со Јужниот булевар, воведување зонско паркирање и уредување на катна гаража.
Градоначалникот Сашо Поцков, посочи дека за подобрување на комуналната инфраструктура во општината ќе бидат вложени 2,5 милиони евра од германски грант што се реализира преку КФВ банката и дека со тие средства приоритет ќе се даде на целосно комунално инфраструктурно уредување на станбените зони Караорман, Касарна и Мрзенски рид, на дирекно приклучување на селата Негорци и Прдејци со новиот водоснабдителен систем во Гевгелија и уредување на ТИРЗ „Прдејци“.