Младинската акциска група од Кочани, со поддршка од Центарот за култура, комуникација и едукација на Ромите „Светла иднина“, ќе реализира меѓународен младински мултикултурен камп што ќе се одржи на планинскиот центар Пониква.
На средбата со градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, членовите на акционата група побараа поддршка од општината за организирање на кампот, чија главна цел ќе биде јакнење на младинскиот активизам и ефикасно вклучување на младите во носењето одлуки на локално ниво.
-Одржувањето на кампот е во рамки на нашите активности за донесување на Стратегијата за младите во општина Кочани, а како дел од напорите за обновување на Локалниот младински совет кој по основањето не заживеа во практика. Сметаме дека со размена на знаења и идеи со нашите врсници од другите држави ќе добиеме нови искуства како полесно и подобро да се вклучиме во одлучувањето на локалните органи и институции за политиките што се во доменот на нашите интереси, истакна Милена Глигорова, член на Младинската акциска група.
Седумдневниот Меѓународен мултикултурен младински камп на Пониква се планира за почетокот на идната година и ќе има педесетина учесници, од кои половината од Романија, Бугарија, Турција и други балкански земји.
Градоначалникот Илијев даде поддршка на проектот, особено што е доставен пред да се финализира општинскиот буџет за наредната година и најави дека кампот ќе добие финансиска помош.