Во Струмица денеска и утре се одржуваат 17. по ред „Средби под јаворите-Видое Подгорец“, манифестација во чест на ликот и делото на еден од најпознатите и најплодни писатели за деца во македонската книжевност.
Манифестацијата започнува со советување на тема „Употребната вредност на литературата за деца во списанијата Росица, Другарче, Развигор и Наш свет“, во организација на издавачката куќа „Просветно дело“, наменета за наставниците од основното образование. Предавачи ќе бидат универзитетските професори проф. д-р Снежана Мирасчиева, проф. д-р Снежана Митковска Јованова и проф. д-р Мито Спасовски.
Веднаш по советувањето ќе се одржат книжевни разговори под мотото „Творештвото на Видое Подгорец-патоказ за современата литература за деца“. На разговорите ќе настапат: Киро Донев, проф. д-р Мито Спасовски, д-р Ана Витанова Рингачева, Ксенија М. Трајчева, Сузана Мицева, Горјан Петрески, Ванчо Полазаревски, Тања Гошева, Весела Богдановиќ, Иван Котев и Ацо Гогов. Настаните ќе ги модерира и на нив ќе учествува поетот и новинар Ѓорги Калајџиев.
Првпат оваа манифестација е одржана на петгодишнината од смртта на писателот Подгорец.
Во рамките на манифестацијата ќе се одржат и две креативни работилници на ученици со писателите, во центарот за култура „Антон Панов“ и во Колешино, родното место на Видое Подгорец.
Организатор на манифестацијата е здружението на граѓани „Средби под јаворите- Видое Подгорец“, заедно со „Просветно дело“.
Годинава се распиша и литературен конкурс на слободна тема за учениците од основните училишта на која пристигнале 600 творби од повеќе од 120 училишта од државата.
Конкурсот беше во три категории. Прва-ученици од второ и трето одделение, втора-ученици од четврто и петто одделение и трета-ученици од шесто до деветто одделение.
Настанот е поддржан од општините Струмица и Ново Село, а училишта домаќини се „Видео Подгорец“ од Струмица и истоименото училиште од село Колешино.