Родителите од Куманово ја проследија интерактивната трибина во рамки на националната кампања „И родителството се учи“ што се одржа синоќа во кумановскиот театар.

Целта на кампањата што се реализира со поддршка на ЕУ, е и родителите од Македонија да се информираат за најновите научните сознанија за родителството и да имаат еднаков пристап до информации за оваа тема како и родителите од останатите држави од Европа.

Стручни лица, универзитетески професори, претставник од УНИЦЕФ, одржаа предавање пред кумановските родители за важноста од емоционалната поддршка, за развојот на детето до предучилишна возраст, за негативните ефекти врз детскиот развој од примена на насилство.

Родителите поставуваа прашања како да се справат со потребите на децата во модерното време.

-Кога ќе ги погледнеме статистиките за емотивното запоставување и насилството во земјата, забележуваме дека тие не се разликуваат многу од статистиката во другите европски држави, но сакаме со помош на таа статистика да се намалат бројките, изјави Бенџамин Перкс претставник на УНИЦЕФ.

Врз основа на истражувањата спроведени од Светската здравствена организација секое трето дете во Македонија емотивно е запоставено. Тој просек е на слично ниво со останатите европски земји, но е незначително повисок во однос на земјите од Западен Балкан. Во европските земји каде има и се применуваат активни политики на подобрување на родителството, степенот на запоставеност е многу понизок.

Перкс вели дека кампањата уште на самиот почеток предизвикува голем интерес кај родителите.

Универзитетскиот професор, Алма Тасевска појасни дека македонските родителите сакаат да ги унапредат своите знаења и оти покрај традицијата, родителите сакаат да применат новини во однос на развојот и поддршката кон децата.

-Новите генерации на деца се со поинаково однесување, со поинаков извор на информации што ги опкружува и тоа влијае врз нивниот развој. Можам да кажам дека родителите би требало да ги преземат позитивните искуства од минатото и да ги надоградат со потребите на новите генерации, рече Тасевска.

Кампањата „И родителството се учи“ обезбедува информации за „позитивното“ родителство, за новите пристапи и техники во подигањето на децата. Преку кампањата, родителите добиваат информации за емотивното поврзување, градењето на карактерот, ги посочива родителските стилови и ефекти од негативните искуства и стресот во детскиот развој.

Националната кампања ќе продолжи со едукативни предавања за родителите и во другите градови од државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2018 13:59