Три милиони денари за зимско одржување на патиштата во Кавадарци се издвоени од кавадаречкиот буџет.

Зимската служба е подготвена за дејствување, информираше денеска Драган Рамов, сообраќаен инспектор во локалната самоуправа. Склучен е договор со кавадаречка компанија која при врнежи од снег, има обврска да ги расчистува улиците и локалните патишта во Кавадарци.

-Договорот е со траење до 15 февруари. Согласно нашата проверка, утврдивме дека изведувачот е опремен со соодветната потребна механизација и располага со три камиони со нож и посипувач, два трактора за одржување на патиштата до селата од Бошавијата, еден булдожер, еден камион со фрлач на снег. Располага и со потребната количина на индустриска сол и ризла, нагласи Рамов.

Улиците се поделени во три категории.

-Сметам дека сме подготвени да одговориме навреме се со цел да има безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови, додаде тој.

Рамов апелираше до граѓаните прописно да ги паркираат возилата, за да можат возилата за интервенции непречено да работат.

Тротоарите повторно се оставени за расчистување од работниците на Јавното претпријатие „Комуналец”. Рамов ги потсети дуќанџиите на обврската која ја имаат.

-Согласно законот, секој сопственик на деловен простор во централното градско подрачје е должен да го исчисти тротоарот пред својот дуќан, соопшти инспекторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2018 15:24