Матичните лекари и медицинските сестри од приватните здравствени установи од Кочани излегоа на мирен протест пред подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување за да го изразат незадоволството од понудените услови во договорите што треба да ги потпишат за наредниот петгодишен период.
Лекарите реагираат што воопшто не се опфатени со најавеното покачување на платите за здравствените работници, ниту пак ќе добијат други подобрувања за извршување на дејноста, како што е со нивните колеги специјалисти.
– Во изминатите единаесет години немаше покачување на капитацијата и таа остана на 55 денари. Воопшто не бевме вклучени во договарањата за воспоставување партнерски однос, а наместо тоа добивме влошена казнена политика, не можеме да користиме боледувања и ред други права што ги имаат колегите во јавното здравство. Со нашето преоѓање во приватна здравствена практика годишно на Фондот му заштедуваме по 16 милиони евра, а воопшто не сме ставени во плановите да ни се покачат платите, истакна Лазо Митев, член на Здружението на приватни лекари.
Приватните лекари од Кочани очекуваат поддршка за своите барања и од Лекарската комора на Македонија, при што најавија дека нема да ги потпишат договорите со ФЗО.
Протестот ќе продолжи и наредната недела доколку од Фондот не покажат заинтересираност за проблемите, а освен во Кочани, со слични барања излегуваат и останатите здравствени работници од приватниот сектор.