Седум образовни асистенти, социјален работник, четири негуватели и еден масер се активно вклучени во помош и поддршка на лица со интелектуална попреченост, како и стари изнемоштени лица во рамки на проектот „Цело е кога има се“ од Програмата за општинско-корисна работа во општина Крива Паланка.

-Проектот вклучува помош на децата со одреден вид на попреченост во редовниот процес на образование за полесно совладување на наставниот материјал што го реализираат седумте образовни асистенти во основните и средното општинско училиште. Вклучува и организирање дополнителни активности на лицата од Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост за што е ангажиран социјален работник, пружање релаксирачки масажи на семејства со стари лица кои искажаа интерес, четворица негователи даваат услуги на педесет стари и изнемоштени лица од руралните средини, овозможувајќи дружење и комуникација, морална и советодавна помош, превентивни здравствени активности контрола на начинот на земање лекови, закажување термини за посети на лекар, а и обавуваат разни домашни потреби, изјави Елена Христовска, општински координатор на проектот.

Проектот „Цело е кога има се“ е дел од Програмата за општинско корисна работа за 2018 година, поддржана од УНДП, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за вработување на РМ и општина Крива Паланка.

-Во спроведувањето на предвидените активности на програмата имаме голема поддршка од градоначалникот, од сите вклучени страни – директорите и вработените во ООУ „Илинден“, ООУ „Јоаким Крчовски“, СОУ „Ѓорче Петров“, ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Дневен центар за лицата со интелектуална попреченост, Центарот за вработување, крајните корисници и ангажираните лица, додаде Христовска.

Проектот започна да се имплементира во септември годинава, а ќе трае до крајот на учебната 2018/19 година за образовните асистенти, а до крајот на февруари 2019 за останатите ангажирани лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2018 18:15