Аерозагадувањето во Куманово е на исто ниво како и во неколку поголеми градови во државата. Состојбата е загрижувачка, но добро е што се преземаат мерки за намалување на загадувањето, меѓу нив аеросолизација, засадување садници, засилени контроли на инспекциските служби.
Ова го посочија експертите, претставниците на Советот на општина Куманово и локалните институции на денешната трибина посветена на заштита на амбиенталниот воздух, организирана од Советот на општина Куманово.
– Загадувањето не е исто на различни улици и делови од градот, вели професорот од Земјоделскиот факултет Живко Давчев и истакна дека е значајно што се даваат предлози. Извршени се мерења на 20 мерни места. Основна причина за загадувањето е загревањето и непотребно големиот број возила во вечерните часови во центарот на градот. Важно е да се ограничи движењето на автомобилите во вечерните часови.
– Проблемот на современиот начин на живеење не може да се реши преку ноќ, но може да се ублажи во оптимални законски граници. Важно е да се преземат и краткорочни и долгорочни мерки, да се формира советодавно тело кое постојано ќе функционира, составено од експерти. Аеросолизацијата дава резултати, тоа го покажува и инструментот и свежината на воздухот, рече Давчев. Тој им препорача на властите да набават сопствени инструменти и опрема за распрскување со поголем опфат.
Метеорологот Борис Секирарски изнесе податоци дека со ова ниво на загадување во некои региони во Македонија и Европа граѓаните, без разлика дали се пушачи или не, дневно вдишуваат штетни супстанци на исто ниво, како да испушиле по седум цигари.
– Климатските промени се важен фактор, јавноста е поделена, но сепак климата се заострува и треба во тој дел да се води сметка. Можеби следниот чекор е самите да преземеме иницијатива, да тргнеме од сопствените возила, од нивната старост или пречеста употреба, рече Секирарски.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило” Даниел Стојчевски информира дека улиците се мијат веднаш по прскањето, се садат дрвца, се изрекуваат казни.
И покрај субвенциите од 10.000 денари за приклучок кон гасификациската мрежа, само десетина кумановци побарале субвенција. И покрај 15 километри поставената мрежа, вели директорот на ЈП „Куманово-Гас” Никола Денковски, слаб е интересот за приклучок, што се должи на цената од 800 евра и набавка на инсталација.
– СВР Куманово изминативе денови извршил контрола на повеќе возила и при технички преглед ниту едно не емитувало издувни гасови над дозоволените вредности, рече Виолета Богдановска од СВР Куманово.
Засилени се контролите за идентификација на граѓаните и субјектите кои ја загадуваат околината во соработка со општинската инспекција. Претставниците на еколошките здруженија и екологистите од Куманово, Олгица Вељковиќ, Љубиша Николиќ и Бајрам Сулејмани бараат поенергична реакција од институциите, дополнителни поддршки за граѓаните, едукација, построга контрола на можните загадувачи.
Претседателката на Советот Атина Мургашанска вели дека овој проблем не е краткорочен, ниту пак е лоциран само на наши простори, но не значи дека како локалната самоуправа не треба да преземат мерки за ублажување на проблемот, меѓу кои и дебата со идеи од граѓански организации, од политички субјекти, од експерти.
– Треба дополнително да се вложиме во промотивна кампања, за преземње мерки, информирање за штетните последици од користење на нееколошки горива за загревање, последици по здравјето и придобивки од примена на еколошки навики од најмладите, па се до највозрасните, рече Мургашанска.
Граѓаните од Куманово кои се организираат преку социјалните мрежи утре во 12 часот на градскиот плоштад ќе одржат собир за чист воздух насловен „Искочи за чист ваздух”.