Убијците на саудискиот новинар Џамал Кашоги треба да им дадат објаснување на САД за својата постапка, изјави американскиот потпретседател Мајк Пенс.

– САД се решени да побараат одбјаснување од сите кои се одговорни за убиството на новинарот, кој побара заштита во САД, изјави Пенс на маргините на Самитот на Организацијата за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК), што се одржува во главниот град на Папуа Нова Гвинеја, Порт Морзби.

Изјавата на Пенс следи откако „Вашингтон пост“ објави дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) смета дека наредбата за убиството на Кашоги во Истанбул ја издал саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.

Весникот, повикувајќи се на анонимни извори, тврди дека ЦИА до ваквиот заклучок дошла врз основа на сознанијата од повеќе извори на разузнавачките служби, вклучувајќи и од телефонски разговори на братот на престолонаследникот, принцот Халид бин Салман и на саудискиот амбасадор во САД со Кашоги, за кои сведочеле луѓе блиски до кралското семејство.

Истрагата за убиството на Кашоги била тема и на телефонски разговор меѓу претседателите на САД и Турција, Доналд Трамп и Реџеп Тајип Ердоган.

Како што соопшти Кабинетот на Ердоган, двајцата претседатели се согласиаел дека треба да бидат расветелени сите аспекти за убиството на Кашоги.

Покрај за Кашоги, Трамп и Ердоган разговарале и за билатералните односи, за состојбата во Сирија, како и за „судските процеси во САД што ја засегаат Турција“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2018 12:15