Дополнителни пет милиони денари ќе добијат основните и средните училишта во општина Кочани со зголемувањето на средствата од блок-дотациите за образованието.

Со изгласниот ребаланс на буџетот на општината за оваа година, зголемената поддршка за основните училишта е два милиони, а за средните два ипол милиони денари. Советот на општина Кочани донесе одлука за измена на критериумите за прераспределба на парите за да им помогне на образовните институции да ја намалат задолженоста за превоз на учениците, а што во изминатите години достигнаа 43 милиони денари.

Дел од долговите веќе се вратени, а со сегашната динамика на отплаќање треба да бидат подмирени до почетокот на наредната учебна година.

– Надлежните институции треба да кажат како и зошто настанало задолжувањето на училиштата, но со мерките што ги презедовме до сега, за само девет месеци вративме 12 милиони денари. До крајот на годината ќе бидат отплатени уште пет милиони денари од наследените обврски за бесплатниот превоз на учениците, а наша крајна цел е догодина целосно да бидат исчистени овие долгови, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

За отплата на обврските за превоз на учениците СОУ „Гошо Викентиев" ќе добие три милиони денари, ОУ „Св. Кирил и Методиј" еден милион и 800 илјади денари, а остатокот од парите се наменети за подмирување на други долгови во основните училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/11/2018 13:48