Се враќа „Мел Фест“, фестивалот кој своевремено беше единственото музичко талент шоу во Македонија и надвор од неа.
Елена Петреска, Андријана Јаневска, Симона Поповска, Наташа Малинкова, Елена Велевска, Игор Узунов, Маријан Стојановски, Огнен Здравковски, Горан Наумовски со Горан Папаз, Анастасија Аврамовска се само дел од пејачите кои ќе настапат на гала вечерта во четврток на 22.11 во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во 20.30 часот, а гостинка на вечерта ќе биде и популарната српска пејачка Јелена Томашевиќ.
-Настапуваат дел од пејачите кои својата кариера ја започнале на овој фестивал, но и колеги кои за прв пат ќе настапат на „Мел Фест“, на овој начин давајќи поддршка за враќањето на целиот овој проект,кој позади себе има 20 години успех, вели пејачката Елена Петреска, која од годинава е и уметнички директор на фестивалот, а пред многу години токму на него, заедно со Тоше Проески и многу други пејачи од таа генерација, ја започна својата кариера.
- После фестивалот, односно неговата гала вечер, ќе има и изложба на фотографии како ретроспектива на „Мел Фест“. Важно е да потенцирам дека се ова што ќе се случува во четврток е само најава и всушност почеток за „Мел Фест – талент шоу“ кои ќе стартува пред Нова година, низ 15 градови во Македонија, а во преговори сме со неколку национални телевизии каде би се емитувало тоа, додава Елена.
Водител на гала вечерта ќе Лила Стојановска.