Долгорочни, среднорочни и краткорочни мерки за намалување на аерозагадувањето побараа кумановци на денешниот собир на граѓани насловен „Искочи за чист ваздух“.
Собирот го организираа преку социјалните мрежи, а според дел од организаторите резултирал, откако по дури 14 дена високо загадување на воздухот, општинските власти презеле само мал дел од предвидени мерки за намалување за загадувањето, а опозицијата по 14 дена поднела барање за одржување вонредна седница.
Ревизија на еднонасоочниот сообраќај, зголемен инспекциски надзор, забрана за движење автомобили, пар -непар, мораториум за градежни активности, се само дел од краткорочните мерки кои ги предлагаат кумановци од денешниот протест.
Граѓанскиот активист Ивана Аткинс, пред насобраните ги прочита причините за собирот и додаде дека од планот донесен од општината од 2017-та година кој вклучуваше сет мерки за намалување на аерозагадувањето, сменет е само градоначалникот. Меѓу барањата е затворање на одредени улици за време на викендите, инвестирање во велосипедски патеки и пешачки зони, субвенционирање за набавка на сочеви колектори, пвц, прозорци, намалување на комунални такси за инвеститори кои користат енергетска ефикасност, креирање на катастар за зеленило.
– Јавно ги повикуваме овластените лица од секторот за урбанизам, одделение за заштита на животна средина, инспекциски служби од државен инцпекторат, јавно комунално претпријатие, советот и градоначалникот во најкус рок да донесат итни мерки за решавање на ова најважно прашање, рече Аткинс.
И дел од несовесните граѓани се виновни за зголемување на загадувањето со палење отпад, но тоа , велат организаторите е само слика на финансиската немоќ кај дел од населението. Меѓу останатите мерки кои ги предлагаат е субвенција за социјално загрозените семејства.
Милош Стаменковиќ, еден од организаторите на собирот вели дека според мислењето на експертите, густиот сообраќај е прична за аерозагадувањето во градот.
– Една од првите мерки кои треба да ги преземат институциите е промане ан сообраќајниот режим. Со воведувањето на еднонасочниот сообраќај, нерешениот паркинг придонесуваат за зголемување на загадувањето, вели Стаменковиќ. Проблемот е заеднички додава Стаменковиќ, и сите треба да се вклучат веднаш во преземање мерки, кои ќе бидат доставени до градоначалникот, пренесе МИА.