Деца од целиот свет ја изразија својата загриженост поради глобалното затоплување и климатските промени, помагајќи во изработката на најголемата разгледница на светот на еден глечер на швајцарските Алпи.
На глечерот Алеч, на надморска височина од 3.400 метри, се поставени повеќе од 125.000 поштенски картички со рачно испишани пораки за надеж на деца од целиот свет, кои образуваат една огромна разгледница со димензии на половина фудбалско игралиште.
Како што соопштија организаторите на овој настап, разгледницата претставува „повик за помош од Њу Орлеанс до Хонк Конг и од Подсахарска Африка до Индија“, во пресрет на Конференцијата на ОН за климата, што следниот месец ќе се одржи во Полска.
Вработени во швајцарската Агенција за развој и соработкаа и нејзините партнери ги поставија разгледниците токму на глечерот Алеч, бидејќи се проценува дека ако продолжи ваквото темпо на глобално затоплување, до крајот на векот на него ќе се истопи целиот мраз.