Езеро гледаме пред нас, тоа ни е на неколку метри, на дофат на раката што се вели, а веќе неколку децении не можеме да ги наводнуваме лозјата и трпиме штети. Вака се пожалија во изјава за МИА, жители од селата Брушани, Ресава и Бегниште, кои се наоѓаат во близина на Тиквешко Езеро. Ја отвораат оваа тема сега, надевајќи се дека ќе се преземе нешто во овој правец, за нивите да не им страдаат за вода барем во наредниот период.
Немањето вода ги прави лозјата нерентабилни
Немањето можност за наводнување, иако во близина има цело езеро, ги прави нерентабилни лозовите насади во брушанскиот, ресавскиот и бегнишкиот атар. Лозари од овој дел на општина Кавадарци нагласуваат дека се работи за еден од навистина докажаните вински региони. Со особено висок квалитет на винското грозје. Тука се, велат, идеални надморската височина и климата, единствен проблем им е водата. Незадоволни се бидејќи имаат редуцирани приноси по единица површина, токму поради водата. Има години, додаваат, кога луѓето трпат страшни штети поради сушата. Редуцирани приноси и лош квалитет на грозјето. Приносите по единица површина биле толку мали во такви услови, што не можеле да ги покријат ниту трошоците за производство на грозје. Се работи главно за лозови насади.
-Многу малку од површините што се во ресавскиот атар, имаат можност да се наводнуваат. Тоа всушност го прават самите сопственици на земјоделски имоти, кои имаат финансиска моќ самите да си обезбедат пумпи со кои црпат од езерската вода. Но, тие ја имаат и привилегијата да граничат со езерото или да се многу блиску до него. Останатите, немаат пари самите да инвестираат во пумпи, а кога нема пумпи нема полевање, па апелираат да се изнајде заедничко решение за сите нив. Да се направи обид со повеќе пумпи да се црпи вода за сите, па потоа да се распределува. Така би им било поисплатливо, вели Љупчо Милачов од Ресава.
Проект има, се бараат пари за реализација
Директорот на кавадаречката подружница на Водостопанство на Македонија, Ристо Манев појаснува дека дел од овие три катастарски општини своевремено е потопен од вештачката акумулација, што е втора по големина во државата. Она што е останато, е претежно планински дел.
-Земјоделските имоти што се граничат со езерото, пумпаат вода со сопствени агрегати. Малку пооддалечените ја немаат таа можност бидејќи им требаат повеќе пари. Имаше една иницијатива од Брушани и беше изработена проектна документација за опфат на дел од површините со вода за наводнување. Иницијативата на Брушани е веќе финализирана со изготвување на техничка документација за систем за наводнување Брушани-Ресава, по претходно распишан тендер од страна на Водостопанство. Сега треба да се најдат финансиски средства за проектот што предвидува користење на водата од езерото преку електрични пумпи на езерскиот брег. Предвидени се две дистрибутивни мрежи, кон Брушани и кон Ресава и Бегниште. Треба да бидат опфатени околу 600 хектари, кои ќе добијат можност за наводнување. Бидејќи станува збор за изразено стрмно и ерозивно земјиште, наводнувањето ќе треба да биде преку систем капка по капка, за да се штеди водата која ќе биде скапа. Несвојствено е таму да имаме систем, а наводнувањето да биде со бразда, вештачки дожд и слично. За да има вода за сите.За сево ова да се реализира, неопходни се милиони евра. Водостопанство како државно претпријатие не може да ги обезбеди тие финансиски средства. Се бара изнаоѓање на финансии, без разлика дали ќе бидат тоа домашни или странски инвестиции. Се надевам дека ќе се финализира овој проект, дециден е Манев.