Изминатите десет месец од годинава споредено со истиот период лани во Дебарско намален е бројот на кражби, посебно на тешки кражби и постигната е висока ефикасност во нивното расветлување, потврдува полициската статистика.

Тоа, како што оценуваат надлежните, е како резултат на добрата организациска поставеност и максималното залагање на полициските службеници од Полициската станица од општа надлежност во Дебар, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа.

– Во перодот од јануари до октомври регистрирани и реализирани се 27 кражби, додека во истиот период лани 32. Ефикасноста е близу 50 отсто што е одличен процент, кој јасно зборува дека полциските службеници од дебарската полициска станица работат неуморно во овој дел, во реализација на кражбите, во пронаоѓањето на сторителите и нивно изнесување пред лицето на правдата, со соодветна кривична пријава, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Овие кривични дела главно се однесуваат на кражби во трговски објекти, поточно помали продавници и во домови од каде крадците главно со себе земаат пари, цигари, како и вредни предмети од домовите, пред се златен накит.

Во расветлувањето на кражбите, Димоски ја посочува и одличната соработка со албанските колеги кога постојат основи на сомненија дека кривиното дело го извршиле албански државјани.

Димоски посебно нагласи дека полицијата во Дебар постојано е фокусирана кон подигнување на степенот на безбедност и дека во таа насока посветено работи и на превентивен план, го зацврстува постигнатиот висок степен на партнерски однос на полицијата со граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2018 15:28