Од 18:10 часот вечерва патниот правец Берово-Виница е во прекин за патнички и тешки товарни возила поради врнежи од снег, информира Автомотосојузот на Македонија.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. На планинските премини Стража, Ѓавато, Буково и Пресека има остатоци од кашест снег на коловозот, но нема забрана за движење на возилата. Се препорачува намалена брзина на движење и исклучително внимателно управување со возилата.
Поради обилните врнежи од снег од 17:00 часот патниот правец Дреново – Прилеп е затворен за сообраќај на тешки моторни возила, а забрана за сообраќај на камиони беше воведена и на планинските премини Стража и Плетвар.
По целосната блокада на сообраќајот на патот Куманово-Крива Паланка, каде кај село Псача имаше сообраќајка, од 17 часот патот е пуштен наизменично за сообраќај.