Кога сакаме да најдеме нешто на „Гугл“, скоро секогаш ни се појавува „Википедија“. И тоа, како прв или втор „извор“. Можеби денес никој веќе нема проблем да се служи со англискиот, српскиот или хрватскиот јазик, но, колку од бараните информации се достапни на македонски, испишани кирилично? Кој ги полни тие страници и колку се веродостојни?

Поразговаравме со Марио Шаревски и Иван Живковиќ, момчињата од „Споделено знаење“ кои четврта година ја имаат франшизата за „Википедија на македонски јазик“.

„Википедија на македонски јазик“, велат, засега располага со 97.123 статии. Ја администрираат 16 лица, а 15 се активни уредници кои постојано придонесуваат со содржини.

Администраторите се со високо образование, а меѓу нив има и универзитетски професори.

Интересна е „функцијата“ бирократ што засега ја вршат четири лица. Тие имаат најголеми уредувачки права. Бирократите им ги доделуваат правата на пониските нивоа како администраторските и ги одобруваат и менуваат регистрираните кориснички имиња.

За изминатите 15 години, откако е основана „Википедија на македонски јазик“ (во август 2003), создавани се по околу 6.500 статии годишно. Денес преовладуваат написи за села и региони во Македонија, за планините, реките, пештерите, за земјоделство, археологија, историја и спорт, но има и теми од астрономијата, физиката, математиката, биологијата,… Неодамна се додадени и геолошките периоди, од развојот на планетата Земја. Интензивно се работи и на креирање/дополнување статии од областа на индустријата, економијата,…

Во моментов најчитана статија е онаа за македонско-грчкиот спор за името, истакнува Шаревски и низ насмевка додава дека поради актуелноста, добро би било некој експерт од правната фела да седне и да искреира страница за уставните измени, уставното право, зашто во овој сегмент фалат многу податоци, а сигурно за нив има голем интерес.

– Откако ја земавме франшизата, нашата главна, стратегиска цел е за пет години да достигнеме 100.000 написи на македонски јазик. Но, и сега предничиме во однос на некои од земјите во регионот. Просекот по глава на жител ни е многу подобар од оној во Бугарија, Србија, Грција и Хрватска. Ние сме околу два милиона жители со над 97.000 артикли, а Хрватска на четири милиони жители има неполни 200.000 статии. Грција, пак, со 10 милиони жители има 155.000 статии. Стапката на статии по глава на жител би била: за Македонија 0,0485, за Грција 0,0155, за Хрватска 0,05. Според последните податоци, англиската „Википедија“ има 5,7 милиони статии, германската 2,2 милиона, француската два милиона, руската, шпанската и италијанската по 1,5 милиони, полската 1,3 милиони и португалската околу еден милион. По глава на жител подобри од нас се само Литванците и Естонците, вели Иван.

„Википедија“ на српски има околу 611 илајди статии, на романски 389 илјади, на турски 318 илјади, на бугарски 246 илјади, на словенечки 162 илјади, на грчки 155 илјади, на босански 78 илјади, на албански 75 илјади, на влашки околу 1.200 и на ромски оолу 660. Во овој контекст, Иван и Марио објаснуваат дека не секогаш само некој од Макдонија ја уредува (пишува за) „Википедија на македонски“ или српската само некој од Србија. Може некој да е од Исланд, а да креира статија на германски или да е од Шпанија, а да пишува за Википедија на италијански јазик.

Недоверба кон „Википедија“

Иако „Викепедија на македонски јазик“ постои веќе 15 години, се уште главно ја полнат ентузијасти.

Според Марио и Иван, мора да се разобличи стихијно наметнатиот мит кај некои интернет корисници дека она што го нуди „Википедија“ е произволно, делумно точно или неточно.

Ниту една од напишаните и објавени статии што се достапни на „Википедија“ не е паушална. Напротив, базира на веродостојна литература, книги, библиографија и знаење, децидни се Шаревски и Живковиќ.

-Многу интернет корисници, установи и институции немаат доверба во „Викпедија. Не ја сметаат за релевантен извор на информации зашто мислат дека секој може да напише што сака, да уреди и да објави. Но, не е така. Текстовите минуваат низ „филтри“ и се дозволува нивно „закачување“ само ако се од веродостојна литература или извор. Точно е дека секој може да седне и да пишува, но ако „одговорните“ проценат дека некој напис нема извор или тој не е релевантен, тогаш нема да биде објавен и на него ќе стои известување дека „нема извор“. И обратно. За секоја веродостојна статија која е практично на ниво на научен труд, изворот и референците се наведени па оној што чита може слободно да кликне на нив, да отиде на тие страници и таму да дочита уште нешто или барем да се увери во точноста на статијата, објаснува Шаревски.

Марио четири месеци ја правел статијата за геополитика, област во која има звање магистер. Навел преку 16 референци за книги и научни трудови од кои користел податоци и со кои докажува дека не пишувал ништо произволно.

-Ако некој од администраторите утврди содржински недоследности во некој напис подготвен за објавување, нема да го одобри и написот практично нема да биде достапен на „Википедија“. Доколку, пак, нема администратор доволно стручен за некоја тема за која некој веќе напишал статија, статијата ќе почека одобрување или ќе биде избришана зашто не е проверена. Без исклучок, се бара стручност и компетентност, дообјаснува Живковиќ.

И тој и Марио ја нагласуваат потребата од вклучување на релевантните институции во креирањето статии и збогатување на „Википедија на македонски јазик“.

-Знаењето е кај нив. Нивниот фонд на знаење треба да се искористи за да ги насочува луѓето понатаму, истакнуваат Шаревски и Живковиќ.

Матични википедијанци – И Македонија имаше, но веќе не се активни

Да пишува статии/написи на „Википедија“ може секој што е заинтересиран, што има солидни познавања од соодветната област и што, секако, претходно е регистриран како корисник. При пишувањето е особено битно да се користи релевантна литература која потоа ќе се наведе како референца и ќе стои зад издржаноста, односно точноста на текстот.

За што поквалитетно, веродостојно полнење и уредување на интернет енциклопедијата се „задолжени“ т.н. матични википедијанци. Моментно ги има во 155 институции низ светот. Тоа се ентузијасти кои со дозвола на некоја установа (библиотека, музеј, галерија, архив) прибираат научни трудови и материјали од расположливиот (книжен) фонд. Може да бидат и вработени во установата.

И Македонија имаше „матични википедијанци“. Еден од нив беше Марио кој „прибираше“ литература во МАНУ. Освен него, уште тројца работеа во Државниот архив (јуни до септември 2015 и цела 2016) и во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ (јуни до септември 2017). Но, денес никој од нив не е активен.

За споредба, во Србија има шест, но во ниту една друга земја од регионот, Хрватска, Бугарија, Грција, Албанија, Словенија, нема активни матични википедијанци.

-Работев 15 месеци во МАНУ како „матичен википедијанец“, во 2015 и 2016 година. Во тој период ја наполнив „Викепедија на македонски“ со археолошки мапи, македонски правопис, обезбедив материјали од областа на медицината и биологијата, материјали за реки и села во Македонија, како и за села во Егејска Македонија. Врз основа на нив потоа правевме и уредувачки натпревари. Всушност, овозможивме да се креираат нови страници, нагласува Шаревски.

Преку „матичен википедијанец“ се создадени „Македонство“ (со цели книги на наши преродбеници и автори, скенирани и достапни за читање во самата статија како што е Славјанско-македонска општа историја од Ѓорѓија Пулевски на 1.005 страници), Македонски дијалекти (каде секоја статија има звучен примерок од дијалектот) и проектот за снимање Експерименти (по хемија и физика).

Шаревски смета дека секоја установа кај нас треба да има барем по еден „матичен википедијанец“. Затоа во април догодина „Споделено знаење“ планира да организира т.н. Глам конференција на која ќе бидат поканети сите библиотечни работници. Целта е да се обучат да ги полнат страниците на „Викепедија“.

Меѓу установите во светот кои имаат „матичен википедијанец“ (еден или повеќе) се Кралскиот архив на Британија, Националната библиотека на САД, Британија и Шпанија, Версајската палата, Музејот на современа уметност во Њујорк, Британскиот музеј, Американскиот национален архив, Израелскиот музеј и Националната библиотека на Израел, Националниот музеј на Данска, Светската дигитална библиотека, Кралската библиотека на Данска, Белградската универзитетска библиотека,…

-Установите преку „матичните википедијанци“ може меѓусебно и да комуницираат, да соработуваат, да прават заеднички проекти надвор од „Википедија“. Ако се сублимираат податоците за збирката, на пример, на некој наш музеј и се стават на „Википедија“, како што направивме со Музејот на современа уметност, тогаш некој ќе прочита и ќе може да ја исконтактира установата за што било. Во овој контекст, интересно е и тоа што некој од Исланд направил цел проект со моите слики од геоекспедициите на Леднички езера на Шар Планина, дообјаснува Марио.

„Вики ја сака храната“

„Споделено знаење“ континуирано организира обуки за полнење на „македонската википедија“ – брзи, викенд, теренски, а целни групи се ученици, студенти, професори, културни и научни установи.

Но, организира и фото натпревари. Моментно е актуелен „Вики ја сака храната“. (https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%92%D0%B8%D0%BA%D0%B8%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0:%D0%92%D0%B8%D0%BA%D0%B8_%D1%98%D0%B0_%D1%81%D0%B0%D0%BA%D0%B0_%D1%85%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0_2018/%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0)

Конкурсот за овој натпревар се распиша на први ноември и ќе трае цел месец. Засега, одѕивот е многу мал.

-За разлика од лани кога натпреварот се одржа првпат, годинава опсегот на фотографии е зголемен и не се однесува само на македонските традиционални јадења, туку може да се ставаат и фотографии од светската кујна. Сепак, интересот е застрашувачки мал. Не знам зошто. Минатата година имавме 67 пријавени кои прикачија 915 слики, а сега, во моментов, пријавени се само 16 лица со 30 слики. Можеби на многу луѓе им е тешко прикачувањето на фотографиите, но во суштина е многу едноставно и за тоа имаме изработено двеминутно видео кое ја покажува постапката чекор по чекор, вели Шаревски.

Лани, за 60 од 70-те македонски јадења за кои биле доставени слики на натпреварот, немало статии. Но, во јули годинава, по т.н. уредувачки викенд, креирани се 25.

-Во Македонија многу повеќе се споделуваат слики од природа, објекти, културни споменици, аутдор настани. Овие тематики се навистина покриени, посебно преку социјалните мрежи, а храна, иако да, се слика, никој досега не споделувал за информативни, енциклопедиски намени. Увидовме и дека за македонска кујна има многу малку статии. Со натпреварот лани, ситуацијата се смени. Се поттикна пишувањето. Нашата цел е всушност, кога некој ќе слика некој специјалитет, со таа слика да создадеме статија. До минатата година немаше статија за турлитава или макало, но по испратените слики направивме, истакнува Марио.

Фотографиите од годинашниот „Вики ја сака храната“ ќе се прикачуваат на заедничката ризница на „Википедија“, односно на „Викимедија“, на депозитарот за слики и снимки од каде може да ги користи целиот свет.

За идната година „Споделено знаење“ најавува нов конкурс, по примерот на „Википедија Австрија“. Таргет ќе биде македонското културно наследство, согласно податоците од Министерство за култура. Идејата е да се направи посебна платформа преку сликање на локално ниво со кое би се опфатило буквално секое обележје.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 11:18