Возачите кои управуваат неисправани возила по гостиварските сообраќајници се најдоа на удар на сообрќајната полиција. За возењето без исправни сопирачки, светлосни уреди, системи за управување и истечена регистрација 22 возачи добија прекршочни платни казни, а за четворица се поведени прекршочни постапки.

– При контролата, кај 11 возила откриена е неисправност на сопирачките, едно возило имало неисправен уред за управување, исто толку неисправни светлосни уреди, а четири истечена регистрација. На 22 возачи изготвени им се прекршочни платни налози и четири барања за поведување на прекршочна постапка. Во контролата, исто така, констатирани се и осум други видови прекршоци, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Од полицијата најавуваат засилени контролни активности на гостиварското подрачје и наредниве денови. Посебен акцент во нив ќе му биде ставен на паркирањето, пред се на улиците „Браќа Ѓиновски", „Илинденска", „ЈНА" и „Живко Брајковски". Воведувањето на ред по овие сообраќајници е важно и заради најавата на снежни врнежи, а погрешно паркираните возила во значителна мерка го отежнуваат отстранувањето на снегот од улиците и тротоарите во градот.

– Ќе се санкционираат сите погрешно паркирани возила на тротоари, крстосници и на пешачки премини, кои го попречуваат нормалното и безбедно движење на пешаците и другите учесници во сообраќајот. Контролните активности ќе се реализираат не само во текот на денот, туку и во доцните вечерни часови, кога и најчесто се чинат ваквиот вид прекршоци, потенцира Јосифоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2018 16:45