Матичните лекари во Прилеп денеска пред подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување на Македонија одржаа протестен собир на кој ја изразија подршката на преговорите меѓу Лекарската комора на Македонија со Фондот и ги истакнаа своите барања во поглед на несогласувањето со одредени членови од договорите со Фондот.
– Бараме укинување на казнената политика која беше одлика на работењето во изминатава деценија. Незадоволството на матичните лекари токму од тој систем на казни, голем дел од нашите колеги го изразија преку затворање на амбулантите и заминување во странство. Освен тоа бараме пациентите да се водат на ПЗУ и да се покачи капитацискиот бод, рече д-р Билјана Зајкоска Трајкоска од прилепската поликлиника „Хоспиталија”.
Доколку не се прифатат барањата, вели таа, нема да се потпишат договорите со Фондот.
Прилепските матични лекари очекуваат низ конструктивен и партнерски дијалог да се изнајде прифатливо решение за двете страни кое ќе биде во интерес на пациентите и на лекарите. Во Прилеп има 53 матични лекари и секој има околу 1.200 пациенти. Лекарите нагласуваат дека младите кадри не се многу заинтересирани, заминуваат во странство, како и луѓето кои се потенцијални пациенти.