Татковинското друштво „Дибра“ на дебрани во САД, за оваа зимска сезона обезбеди 115 кубни метри огревно дрво за дебарски семејства кои се во тешка социо-економска состојба.
– Обезбедивме по пет кубни метри огревно дрво за 23 семејства кои се во најтешка економска состојба, со цел и во нивните домови да се почувствува топлината во студените зимски денови. Тие се веќе доставени до сите нив – изјави претседателот на друштвото „Дибра“, Дашмир Мифтари.
За оваа намена се потрошени 4.394 долари од 20.100 долари собрани по повод месецот на постот Рамазан.
– Од овие средства по повод светиот месец Рамазан беа распределени пакети со прехранбени артикли за 95 семејства, а 41 семејство во текот на целиот месец добиваше бесплатно по две векни леб за што беа потрошени 10.550 долари. Она што остана од средствата или над 5.100 долари, раководството на Друштвото дополнитело ќе одлучи каде да ги насочи, – рече Мифтари.
Благодарение на друштвото „Дибра“, по повеќе од една деценија минатото и ова лето функционираше екипа спасувачи на вода на дебарската плажа. Лани друштвото обезбеди 6.000 долари за набавка на потребната опрема, а ова лето 3.300 долари. Средства најавуваат и за идното лето зашто сметаат дека е најважно надгледувањето и безбедноста на граѓаните на плажите на Дебарско Езеро.