Новиот објект на Ургентниот центар во Куманово, изграден со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција, наскоро ќе биде пуштен во употреба и во него ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедска, анестезиолошка амбуланта, компјутерска томографија и ЕХО дијагностика.

Началник на Одделот за хирургија, .д-р Методија Димковски, кој во оваа болница има 39-годишно работно искуство, изјави дека претходно биле сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, а со новиот хируршки центар добиен е повеќе од 90 отсто поголем простор.

-Хируршкото одделение е секогаш најударно и едно од најактивните одделенија каде најчесто доаѓаат итни случаи, изјави д-р Димковски, кој посочува дека сега услугата ќе биде на едно место, ќе се обезбеди подобар пристап за пациентите, и тие нема да се препраќаат до рендген дијагностика. Нагласи и дека пациентите подобро ќе се опсервираат односно ќе им се врши динамична опсервација, нешто што досега го не постоело во болницата.

– Првпат се отвораат и во исто време активно ќе работат пет хируршки сали. Паралелно на условите за третман на пациенти, се унапредуваат и вештините на докторите односно наши колеги од клиниките од разни специјалности континуирано доаѓаат во нашата болница и на тој начин се реализира континуирана едукација. Општата болница Куманово покрива околу 200.000 жители од овој град и околината, истакна д-р Димковски.

Главната сестра на Опшата болница Куманово, Валентина Стојимировиќ, посочи дека со новиот објект ќе се добие и подобар пристап до здравствена услуга.

– По 32-годишно работно искуство во оваа болница, можам да констатирам дека сега значително се подобрени условите во однос на престојот, хигиената, како и храната на болните. Заеднички и посветено со целиот кадар секојдневно се обидуваме да придонесеме за што подобри услови за пациентите. Секако, новиот објект придонесува за поквалитетна нега на пациентите од нашиот град, вели Стојимировиќ.

Паралелно со оваа крупна инвестиција, со сопствени средства на болницата во тек се активности за унапредување на квалитетот на здравствените услуги во повеќе оддели, меѓу кои: реновиран простор во клиничка и биохемиска лабораторија, отворен е нов шалтер, на инфективниот оддел во тек е поставување изолација и варосување на собите и болничките ходници, комплетно е обновена салата за состаноци и архивата, реновирани се дел од собите на акушерското одделение, како и просториите за службата за обезбедување, а обновени се и камерите за видеонадзор во болницата. Во Општата болница Куманово е отворен и функционира нов центар за згрижување жртви од сексуално насилство. Во претстојниот период се предвидени и нови инвестиции.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2018 14:36