Куманово, денеска го доби статусот Град на спортот за 2019 –та година, кој го доделува Комисијата за евалуација АЦЕС Европа од Брисел, задолжена за следење на спортот во Европа.
Куманово се натпреваруваше во категоријата „сити", средни градови од 25.000 до 500.000 жители и е прв град од Македонија кој ја добива оваа престижна титула.
Делегацијата претходно ја разгледа спортската инфраструктура во градот, а при донесувањето на одлуката значајна е и грижата што општината ја нуди за спортистите кои се вложиле себе си, за спортските работници од различни области и ги почитува лицата со попреченост во нивните активности на полето на спортот, за што Куманово од комисијата ги доби потребните поени за оваа награда.
Димитриевски на денешната свеченост, се заблагодари на потпретседателот на комисијата, Џон Свансон и останатите членови на делегацијата кои одлучија да му ја доделат наградата на Куманово.
-Ова признание е за сите спортисти кои придонесоа за развој на спортот, на лицата кои во одредени периоди и волонтерски работеа, вложија труд, на бизнис заедницата која вложува. Чест ми е во име на граѓаните да се заблагодарам на укажаната доверба, рече Димитриевски.
Тој најави дека и во иднина ќе инвестираат за поголема вклученост на граѓаните во спортот, да се рекреираат, да се сплотуваат и дружат. Целта, рече Димитриевски е да се имплементираат проекти со финансиска поддршка од Владата, бизнис заедницата и европските фондови наменети за оваа намена.
-Со ова признание добиваме повеќе поени при аплицирањето, појасни Димитриевски. Општината пред комисијата преку видео презентација ја презентираше спортската инфраструктра, активности и легенди од спортот.
Наградата на општина Куманово ја додели Свонсон, кој е и потпретседател на Европската асоцијација на градови на спортот.
-Луѓето се најважни во спортот. Се радуваме дека наредната година ќе има вистинска прослава на спортот во Куманово, рече Свонсон. Тој потенцираше дека спортот ги обединува луѓето и носи радост за сите. Генералниот секретар, додаде Свонсон ќе очекува на секои три месеци да го согледа напредокот на градот што ќе ја користи наградата.
Секој град кој ја добил наградата, појасни треба да организира спортски натпревари, конференции, но тоа треба да го одлучат самите градови. Тој презентираше пример на градот Логроњо од Шпанија кој кога бил град на спортот, според независно истражување, ваквата награда резултирала со економски импакт во вредност од 44 милиони евра.
Оваа награда, додаде треба да ја мотивира Владата да инвестира повеќе во развојот на спортот во Куманово.
Од 1999-та година преку 500 градови, помали и главни градови ја добиле оваа награда, меѓу нив Мадрид, Барселона, Софија, Стокхолм, Лисабон, Џенова. Градовите се натпреваруваат во категории, согласно големината.