Кремљ денеска го осуди „мешањето“ во избор на нов претседател на Интерпол, после негодувањето на американски сенатори на информацијата дека руски генерал е меѓу фаворитите за таа позиција.
– Станува збор за мешање во избор на меѓународна организација, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
– Како тоа поинаку да го наречеме?, праша Песков.
Од неделата во Дубаи заседава генералното собрание на Интерпол, а утре треба да биде избран претседател на организацијата, откако наследникот на Менг Хонгвеи, кој мистериозно исчезна кон крајот на октомври при патување во рдоната Кина. Кинеските медиуми подоцна соопштија дека Менг бил уапсен поради корупција и дека во седиштето на Интерпол испратил писмо со оставка.
На утрешната седница на Меѓународната криминалистичко-полициска организација, координациско тело за полиции од 192 земји, ќе се гласа за еден од двајцата кандидати кои се во трка за завршување на мандатот од четири години, кој Менг требаше да го заврши во 2020 година. Станува збор за актуелниот, привремен претседател на Интерпол Јужнокореецот Ким Џонг-јанг и Александар Прокопчук, полициски генерал од руското Министерство за внатрешни работи, кој последните седум години го води руското биро на Интерпол.
По објавата на британски „Тајмс“ дека се очекува Прокопчук да биде избран за претседател на Интерпол, следуваа повеќе реакции, меѓу кои и четворица американски сенатори во отворено писмо побараа неговата кандидатура да биде отфрлена.
Британското здружение за човекови права „Фер судења“ (Fair Trials) испрати писмо до Интерпол во кое изразува силен протест против номинацијата на Прокопчук, со забелешка дека „не би било соодветно земја со историја на кршрење на правилата на Интерпол да добие улога во раководството на клучната институција за надзор“.
Рускиот активист Владимир Кара-Мурза за „Вашингтон пост“ напиша колумна, во која наведува дека Москва честопати со политички мотивирани потерници, кои се испраќаат во други земји, заради прогон на политички неистомисленици и заради ограничување на нивното движење.
И покрај експлицитната забрана за „каква било интервенција или активност од политички, воен, религиозен или расен карактер“, организацијата ги прифати барањата на Кремљ за испраќање „црвени известувања“ против истакнати дисиденти, наведува Кара-Мурза. Тој предупредува дека кога рускиот претседател Владимир Путин ќе има свој човек на чело на Интерпол, веќе нема да мора да се обидува на измама да го користи системот на Интерпол за налози за апсење, туку ќе може организацијата директно да ја стави под своја контрола.