Британската премиерка, Тереза Меј, попладнево ќе се сретне со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, за да ги финализира последните елементи од Брегзит.

Меј и Јункер треба да дискутираат за „рамката на идниот однос“ помеѓу двете страни, точка за која сѐ уште нема договор, за разлика од „спогодбата за повлекување“, договорена минатата недела.

Договорот за повлекување на Обединетото Кралство содржи решенија за неколку горливи прашања како ирската граница.

Што се однесува до „идните односи“ двете страни ќе договорат „политичка декларација“ која треба да ја исцрта рамката на односите помеѓу ЕУ и Обединетото Кралство, меѓу другото во трговскиот дел. Преговорите за идните односи не можат да започнат пред датумот на напуштање, 30 март 2019 година, така што политичката декларација за сега не е правно обврзувачка.

По повлекувањето на Лондон од ЕУ, двете страни ќе имаат транзициски период, во кој ќе можат да ги отпочнат преговорите за трговските односи. Начелно оваа транзиција е предвидена да трае до крајот на 2020 година, со можност да се продолжи.

В недела шефовите на држави и влади треба да го формализираат договорот за Брегзит, но Шпанија предупреди дека ќе блокира доколку не и биде признаена формална улога во преговорите на Гибралтар, што не е случај во сегашната спогодба за повлекувањето на Обединетото Кралство.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2018 11:23