Струмица и лани и годинава е меѓу најзагадените градови во државата, а причина за тоа според градоначалникот Коста Јаневски е затоплувањето на дрва и други енергенси, односно само во текот на грејната сезона е забележано зголемено загадување и тоа од попладневните до раните утрински часови.
Тоа го потврдуваат и мерењата извршени од двете мерни станици, од кои едната е поставена во близина на оџакот од котларницата на струмичката болница, а другата во центарот на градот.
-Немаме континуирано загадување во текот на неколку денови со високи концентрации. Но, и покрај тоа алармот е вклучен по реакциите на граѓаните и советниците, смета градоначалникот Коста Јаневски.
Од спроведените испитувања констатирано е дека најголем причинител на загадувањето на воздухот се индивидуланите ложишта на граѓаните, кои за загревање употребуваат сурово и влажно дрво, јаглен, нафта и разни отпадоци од иверка, пластика и други отпадоци од индустријата.
Заради тоа на последната седница на Советот на општината беше усвоен Акцискиот план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со кој се предвидуваат повеќе краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето.
Образложувајќи го Акцискиот план пред советниците, градоначалникот Јаневски истакна дека еден од основните начини да се реши загадувањето на амбиенталниот воздух е приклучувањето на граѓаните на гасоводната мрежа, која во Струмица функционира од 2012 година. Додаде дека општината презема мерки за намалување на загадувањето преку субвенцинирање на приклучувањето на гасоводната мрежа, редовно чистење на депониите и замена на фосилните енергенси и огревното дрво со еколошки горива. -Општина Струмица од поодамна има донесено мерка за субвенционирање на домаќинствата што би се приклучиле на гас и според нас таа е една сериозна мерка. Потоа имаме мерка за олеснување на инвеститорите за 8,5 проценти од комуналните давачки кои би граделе објекти со така наречени „зелени покриви“. Сакам да апелирам до нашите граѓани дека е многу важно какви горива користат во своите домови. Важно е огревното дрво да биде суво, бидејќи влажните го загадуваат воздухот, рече градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски. Во рамките на мерките за реализирање на Акцискиот план деновиве ЈПЕД „Струмица гас“ поднесе барање за кредит во висина од 26 милиони денари до Светската банка за проширување на дистрибутивната гасоводна мрежа во Струмица за нови 6,7 километри -Кредитот го бараме за проширување на секундарната дитрибутивна мрежа и тоа на пет позиции за да им овозможиме на граѓаните приклучок на гасоводната мрежа, рече директорот на ЈПЕД „Струмица гас“, Благој Милановиќ. Советот на општина Струмица даде зелено светло за задолжувањето и проширувањето на гасоводната мрежа, а кредитот ќе се враќа за периодот од 13 години, од кои три се грејс период. Заначајно место во Акцискиот план зазема и приклучувањето на гасоводната мрежа на институции кои се под капа на државата, кои досега не се приклучени. Според Благој Милановиќ, директор на ЈПЕД „Струмица Гас“ до болницата има инсталирано цевка од гасоводот и се чека на одлука на раководните структури да ја пренаменат котларницата од мазут на гас. Директорот на струмичката болница, д-р Наќе Гогов, вели дека имаат поднесено барање до Министерството за здравство за одобрување на средства за приклучување на гасоводната мрежа, но единствен проблем е тоа што немаат комплетен имотен лист за стариот крак на болницата и додека тоа не се реши не може да се врши пренамена. Инаку, во Струмица најприсутно е загадувањето на воздухот од прашина и суспендирани честички ПМ10, додека останатите супстанци се во границите на дозволеното.