Повредени лица, давеници, бремени жени кои бараат помош, возила на Итна помош, на противпожарна единица, на МВР, со вклучени сирени пристигаат и заеднички координирано им нудат помош на загрозените, ги извлекуваат повредените од студената Липковка и ги санираат повредите на настраданите.
Ова беше сликата на денешната симулациска вежба која се одржа покрај кејот на Липковка, а ја организираше Министерството за здравство, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), а учествуваа екипи на кумановските Црвен Крст, Итна Помош, болница, Институтот за јавно здравје, противпожарна единица, СВР Куманово.
-Одлична можност да видиме како координирано функционираат екипите кои треба да бидат вклучени во ваква ситуација, одлична организација на субјектите. Иницијалните мерења покажуваат дека сме неколку минути пред определеното време и уште еден доказ дека имаме подготвени служби кои можат да излезат на терен и дадат здравствена заштита таму каде што е неопходно, дури и во ваква кризна ситуација, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Вежбата има за цел да ги идентификува и силните и слабите страни при заедничкото делување на институциите.
– СЗО нуди процеси и упатства за управување со вонредни состојби, алатки и показатели за ефикасноста кои можат да придонесат за напредок на оперативните капацитети и способности за поефикасен одговор на епидемии, кризни состојби и итни случаи. Многу сум задоволен што оваа симулација се случува во Куманово и јас ве охрабрувам сите да ја искористите, да се обидеме да научиме повеќе заедно, рече Џихане Тавила, претставник на Светската здравствена организација.
Денешната вежба има за цел да ги тестира посебните стандардни оперативни процедури од планот за подготвеност и одговор на здравствениот систем при справување со итни, кризни состојби и катастрофи. Во услови на кризи, многу е важна и заштитата на девојките и жените кои се ранлива категорија.
-Денес во светот повеќе од половина случаи на мајчина смртност се јавуваат во услови на катастрофа. Секој ден 507 жени и девојки умираат во текот на бременоста и породувањето во хуманитарни услови“-рече Соња Таневска, помошник претставник на УНФПА.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитреивски им честиташе на тимовите од различните институции за покажаното високо ниво на професионалност во однос на кризни ситауации.
-Вежбата покажа дека сме подготвени за вакви ситации, кои никој не ги посакува, вели Димитриевски.