Брегзит може и да не се оствари ако британскиот Парламент не го одобри договорот за развод со ЕУ, постигнат по тешките преговори со Брисел, изјави синоќа британскиот министер за финансии Филип Хамонд.

Во интервју за телевизија Ај-Ти-Ви, тој истакна дека дури и при најдоговорено и непречено излегување од Унијата, тоа ќе ја чини британската економија десетици милијарди фунти. А ако дојде до Брегзит без договор, во земјата ќе настане „политички хаотична ситуација“.

– Тој хаос може да доведе до тоа Брегзит воопшто да не се оствари, рече Хамонд.

Во меѓувреме, шпанскиот премиер Педро Санчез исто така синоќа повтори дека на самитот на ЕУ во Брисел во недела, на кој треба да биде разгледан договорот со Лондон, тој ќе гласа против предложениот документ, ако не добие гаранции за Гибралтар. Малата енклава во јужниот дел на Пиринејскиот полуостров е предмет на остар спор меѓу Лондон и Мадрид. Санчез ова го изјави на заедничка прес-конференција во Валјадолид со португалскиот премиер Антониу Кошто кој е во посета на Шпанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 13:56