Комуналното претпријатие „Солидарност" од Виница е меѓу првите во Македонија кое ја исполни обврската за тарифирање на услугата за снабдување вода за пиење, при што определи граѓаните да плаќаат по 22,5 денари за кубен метар. Тоа е меѓу најниските цени во државата, согласно со законските одредби за цените на водните услуги од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Директорот на „Солидарност", Игор Христов, во отчетот за едногодишното работење рече дека намалувањето на цената помогнало за само една година да се подобри наплатата на сметките за комунални услуги за над 650 илјади денари.

-Новата цена на водата за пиење доби согласност од управниот одбор на претпријатието и од Советот на општината, по што веќе започна нејзината примена. Исто така, ја прифативме најниско понудената цена од Регулаторната комисија за одвод на отпадните води и сега надоместокот за канализација изнесува 6 денари од кубен метар што, исто така, е на најниско ниво во државата, истакна Христов.

Во анализата за работењето во изминатата година, Христов нагласи дека наследениот долг од 15 милиони денари е намален за еден милион, а со поекономично работење инвестирани се сопствени средства за изградба и реконструкција на водоводната и канализациската мрежа во градот и населените места.

За подобрување на јавната хигиена во општината набавени се 60 контејнери, а во механичарската работилница на „Солидарност" започнато е сопствено производство на околу 150 столбни канти за отпад, со што трошокот за нивна набавка е намален за две третини.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 16:24