На завршен настан во Делчево беа презентирани резултатите од проектот, кој имаше за цел зачувување на автохтоните сорти на овошни култури во Источно-планскиот регион.
Како што истакна Фиданчо Христов, ова е втор проект кој здружението Аронија го спроведува во насока на зачувување на старите овошни видови, чија цел е по направените анализи да им се помогне на сопствениците на овошни култури да ги обноват и да им се продолжи векот на траење на старите сорти на овошки.
– Во рамки на проектот анкетиравме осумдесет сопственици на автохтони сорти, применивме агротехнички мерки на околу 110 овошни дрвца од кои девет сорти на јаболко, седум сорти на круша и една сорта на бањска слива. Потоа извршивме анализа на 25 мостри од овошки со тоа се покажа дека може да се земат калем гранки од овие култури за да може да се калемат и да почнат да се регистрираат во расадник и потоа да се произведат во саден материјал, истакна Христов.
Проектот е класифициран во делот на биолошка разновидност е финансиран од Глобалниот еколошки фонд преку програмата за мали грантови на Македонија. Претставникот Златко Самарџиев го оцени проектот на здружението “Аронија” како успешен.
– Се надеваме дека ваквите успешни проекти ќе ги натерат луѓето да ги бараат старите сорти на овошки, нивните стебла да ги калемат и да ги оспособат за да дадат род. Со тоа нема да се загуби автохтониот и стар вид на јаболка којшто Македонија го имала, рече Самарџиев. Од ГЕФ програмата за мали грантови годинава на ниво на Македонија преку кофинансирање најавена е финансиска поддршка во висина од 400 до 500 илјади долари, од кои најголем дел ќе бидат наменети за биолошка разновидност.