Заврши изградбата на морската траса од гасоводот „Турски поток“, по кој секоја година ќе се доставуваат 31,5 милијарди кубни метри природен гас за Турција и Европа.

Основите на гасоводот, кој има симболично значење за Турција и Русија, беа поставени пред четири години. Исто така, „Турски поток“ беше првиот договор склучен меѓу двете земји по „авионската криза“ и стана симбол за нормализација на односите меѓу Анкара и Москва.

Се почна со тоа што проектот „Јужен поток“ беше запрен поради политички причини и Русија започна да бара нови рути. Во декември 2014 година, претседателот на Русија Владимир Путин по разговорите со Реџеп Тајип Ердоган во Турција, неочекувано најави нов проект. Путин соопшти дека се откажува од „Јужниот поток“ и на светот му понуди алтернативен гасовод за Европа.

По „авионската криза“

САД и ЕУ застанаа против овој проект. САД го оквалификуваа како целосно политички, а европските земји се дистанцираа од него. Но, со поддршка на Турција, Русија сепак започна со реализација на проектот.

Додека двете земји се обидуваа да надминат некои проблеми, како влијанието на изборите на Турција врз проектот и противењето на Русија на турското барање за намалување на цената на природниот гас, во турско-руските односи се појави голема криза. По „авионската криза“ од 24 ноември 2015 година, кога турски ловци урнаа руски бомбардер Су-24 во реонот на турско-сириската граница, проектот „Турски поток“, како и многу други проекти меѓу двете земји, беше замрзнат.

Во тој период на дневен ред во Турција беше поставено барањето на алтернативни извори на природен гас и како алтернатива почна да се разгледува варијантата за набавка на гас од Азербејџан.

Симбол на помирувањето

Кризата што настана во односите меѓу двете земји беше решена брзо. Кога Путин ја посети Турција и се сретна со претседателот Ердоган прва тема на дневниот ред беше „Турскиот поток“.

Двајцата лидери, кои присуствуваа на церемонијата на потпишувањето на договорот за „Турскиот поток“, ветија дека „ќе го надополнат пропуштеното“ во врска со овој гигантски енергетски проект.

По повторното турско-руско приближување, реализацијата на проектот „Турски поток“ забрза. За брзо време беа издадени сите неопходни дозволи за изградба на гасоводот низ територијата на Турција и со гигантски брод започна поставувањето на цевките по кој ќе се доставува гасот од Русија.

Во април годинава заврши изградбата на најдлабоката делница од првата линија, а веќе до август беа изградени 80 проценти од гасоводот. За неколку месеци беше изградена морската траса од проектот.

Бродот што ги поставуваше цевките е осум пати потежок од „Титаник“

Цевките по кои ќе тече гасот се произведени во Германија, Јапонија и Русија. Тие беа чувани во пристаништата во Варна, Бургас, како и во Самсун и Трабзон.

Од тие пристаништа секој ден на бродот беа товарени по 400 цевки. Во просек дневно беа поставувани по пет километри цевки. Бродот дури постави и светски рекорд поставувајќи 6,3 километри цевки за едно деноноќие.

На 4 ноември 2017 година „Турски поток“ навлезе во екслузивната економска зона на Турција. На 30 април 2018 година заврши изградбата на првата линија од гасоводот, а на 26 јуни продолжи изградбата на втората линија. Со крајот на изградбата на втората линија, заврши и градењето на целата морска траса.

„Турски поток“ е досега единствениот гасовод со дијаметар на цевките од 81 сантиметар, поставени на длабочина до 2.200 метри. За реализација на проектот беа искористени 158.000 цевки, секоја со должина од по 12 метри и тешки по девет тони.

Бродот што ги поставуваше цевките „Пиониринг спиринг“, е осум пати потежок од познатиот „Титаник“. Површината на палубата на бродот изнесува колку шест фудбалски игралишта.

Најнови технологии на длабочина од два километри

Таму каде што „Турски поток“ излегува на копно, односно во Кијиќој, ќе биде изграден терминал каде природниот гас пристигнат по морската траса ќе продолжи да се дистрибуира по цевките на копнената траса. Компанијата „Боташ“ ќе ја изгради првата надземната делница од гасоводот, со што приемниот терминал ќе се поврзе со турската дистрибуциската мрежа во Лилебургаз.

САД се против гасоводот

Во меѓувреме, САД, кои не сакаат Русија да добие политичко влијание во Европа благодарение на овој проект, отворено се спротиставија на изградбата на гасоводот.

– САД се против изградбата на „Турски поток“ и „Северен поток 2“ и причините за тоа се очигледни. Граѓаните на Украина и на Европа не треба да станат заложници на дистрибуцијата на енергетски ресурси само од еден извор, изјави американскиот министер за енергетика Рик Пери.

Иако Русија преговара со европските земји во врска со втората линија на гасоводот, за сега нема информации за учество на држави од Европа во реализацијата на проектот.

Приоритетна цел на Русија е кон проектот да се приклучат и земји од Источна Европа и да добие поддршка и од државите од Средна Европа.

Ваквите проекти ќе бидат основа за соработка

Рускиот министер за енергетика Александар Новак го нарече „Турски поток“ еден од најважните стратешки проекти меѓу двете земји.

– Ваквиот проект ќе бидат основа за нашата соработка во економската сфера за следните години. Со реализација на проектот „Турски поток“, Турција ќе прерасне во гасен мост на Југоисточна Европа, изјави Новак.

Половина од гасот е за Турција, а другата половина за Европа

„Турски поток“ низ кој дистрибуцијата на природен гас за Турција ќе започне кон крајот на следната година, директно ќе ја поврзе турската мрежа за дистрибуција на гас со гигатнтските гасни резерви на Русија.

Морската траса од „Турски поток“, која започнува во реонот на градот Анапа на руското крајбрежје, преминува преку Црното Море и излегува на турскиот брег во близина на градот Кијиќој во Тракија.

Првиот корисник е Турција

Додека во рамки на западната маршрута, по која во моментот се транспортира руски природен гас за Турција, при што турската држава се јавува како краен корисник на гасот по неколку транзитни земји, со реализација на „Турскиот поток“ земјата ќе биде првиот корисник на руски природен гас.

Преку „Турски поток“ ќе се доставуваат вкупно 31,5 милијарди кубни метри гас годишно, од кои половината ќе биде наменет за Турција, а другата половина ќе се транспортира во Европа.

На тој начин проектот ќе придонесе за зајакнување на стратешката важност на Турција. Благодарение на „Турски поток“, Турција, која сега ја има функцијата на мост меѓу Истокот и Западот, ќе стане клучна точка за Јужна и Југоисточна Европа.

Природниот гас што ќе се транспортира преку гасоводот ќе ги покрива годишните потреби на 15 милиони домови.

Милиет – Истанбул



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 19:31