Со изведба на соборското оро Копачка пред црквата „Св.Архангел Михаил“ во село Драмче, заврши дводневното одбележување на јубилејот 70 години постоење на групата „Копачка“.

За делчевскиот фолклорист Димитар Узунски, задоволство е повторно да се видат чекорите на групата која пред точно 70 години првпат ја одигра Копачката и оттогаш до денес е најверодостоен претставник на пијанечкиот фолклор ширум светот.

-Убаво е чувството кога го гледаш резултатот од твојата работа. Јас кога дојдов како млад за наставник во основното училиште „Стив Наумов“ во село Драмче, тогаш имаше многу деца, имаше многу луѓе во маалата и имав прилика да се запознаам со убавиот фолкор, да се запознаам со многу инструменталисти. Ми се допадна Копачката, мислам дека тоа беше мојата животна определба, таа да се развива и да стигне онаму каде што е денес и за која ќе продолжам да работам и понатаму, рече Узунски.

Николај Вуков, претставник на Република Бугарија во УНЕСКО, рече дека било чест да се биде дел од дводневното одбележување на значајниот јубилеј на Копачката.

-Исклучително силно е чувството, емоцијата е силна, со еден збор задоволство е да се биде овде пред целиот овој народ кој со уживање ги следи чекорите на групата која ја продолжува традицијата на сето она што значи културно наследство, преку орото и музиката на тој жив танц кој ги обединува и младите и старите и кој дава надеж дека тоа е традиција која ќе се пренесува и во иднината, истакна Вуков.

Со ова, како што истакна секретарот на здружението Копачка, се заокружи 70 годишниот опстој на групата и орото кое пред четири години влезе на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријални културни наследства.

Манифестацијата годинава беше дел од Националната програма на Европското културно наследство под мотото „Нашето наследство, европска вредност”.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 19:54