Прилеп за прв пат в недела, на 25 ноември ќе биде домаќин на меѓународен атлетски полумаратон. Организатор на овој меѓународен настан е атлетско-рекреативниот клуб „Лотус“ од Прилеп, во соработка со општина Прилеп.

Според Божидар Чаушоски, претседател на клубот „лотус“ со организацијата на полумаратонот во должина од 21 километар и рекреативната трка на 5 километри низ улиците на градот, Прилеп влегува на атлетската мапа на Македонија и на поширокиот регион.

Прилепскиот полумаратон се организира за прв пат. Ќе учествуваат околу 200 натпреварувачи од Македонија и од државите од поранешна Југославија. Полумаратонот се трча 3 кругови по 7 километри низ улиците на Прилеп, а стартот е од пред „Реклами“. Промотор на трката е државниот првак на Македонија во маратон, Александар Кираџиев. Од познатите имиња, ќе учествуваат: македонскиот атлетичар Игор Јакимовски, Милош Микиќ од Црна Гора кој е еден од фаворитите на 5 километри, потоа Горан Христов, Тодор Анчев и Кристијан Наумовски, изјави Чаушоски на прес конференцијата во прилепската локална самоуправа. За безбедноста на учесниците и за регулирање на сообраќајот, ќе се погрижат надлежните од Полициската станица од Прилеп и педесетина ученици од сообраќајната струка од средното прилепско училиште „Ристе Ристески-Ричко“.

Почетокот на трката е во 10 часот в недела, а медалите и признанијата на најдобрите ќе им бидат доделени во 14 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 20:55