Американскиот онлајн трговски гигант Амазон по грешка споделил кориснички податоци со други компании кои не ги именува, што претставува проблем во неговата безбедност, кој доаѓа во најоптоварениот момент од годината, пишува „Блумберг“.

Амазон вчера испратил мејлови на непознат број корисници за да им соопшти дека нивните имиња и електронски пошти биле споделени со трети страни поради техничка грешка, која потоа била поправена. Компанијата исто така им кажа на корисниците дека промените на лозинките не се задолжителни.

– Го коригиравме проблемот и ги информиравме клиентите кои можеби биле погодени, посочува компанијата во мејл, но одбива да открие повеќе информации за тоа кој ги добил овие податоци.

Дали Амазон ќе биде под истрага од страна на Владата и казнета за грешката зависи од тоа каде живеат клиентите, тврди Марк Ротенберг, претседател на „Електроник Прајваси Информејшн Центар“, независна група која се занимава со истражувања.

– Според европските стандарди тоа е прекршување на основното право за заштита на податоците. Ова ќе доведе до истрага и најверојатно до парична казна, додава тој.

Онлајн продажбите на Божик ќе ја надминат сумата од 124 милијарди долари оваа година, што е за 14,8 отсто повеќе во однос на една година претходно, покажуваат податоците на „Адоуб“. Денот на благодарноста, „Црниот петок“ и „Сајбер понеделник“ ќе бидат деновите во кои ќе се троши најмногу во САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 09:51